Tuesday, July 31, 2018

Блузирање (230-260)


(прва кавадаречка колумна)

Лето е. И во Кавадарци. Ете го и Градскиот базен работи. И “патриотите“ и “предавниците“ се печат на плажите кај јужниот сосед. Оние кои сеуште не заминале ете ги по бавчите на кафулињата на “Илинденска“ го пијат своето целодневно кафе, па дома на промена на испотените маици, па на вечерна пијачка, троа на турбо фолк, троа на диџеи на кои местото им е во клубови каде капацитетот е илјадници посетители, а не да се потат низ кафулуњата (кои патем во Кавадарци носат наслов “клуб“?!) со стотина луѓе капацитет. Чудно, ама ете функционира на некој забеган начин. И што дека паралелно, како и секое лето впрочем, има и нешто друго да се види и доживее. Дали се тоа културни и уметнички настани по кавадаречките културни институции, некои слични и интересни настани на отворено или обично одење во библиотека, има, се наоѓа, само кој да повдене да стане од столчето каде што го конзумира целодневното кафе. Мала дигресија. Има културни и уметнички настани од најразличен вид. Мејнстреим, комерцијални, алтернативни, оние кои се хит и се бара карта повеќе, оние во кои се ужива кога не е преполно со посетители, има разни, на различни места, така да, доколку сте загрижени (колку и да изгледа субјективно од перото на авторот на овие редови), немојте. Барем во моментот, културните институции во градот функционираат и покрај (објективни и субјективни) секојдневни проблеми, функционираат многу подобро дури и од оние во поголемите градови, па и од оние извиканите национални. Се разбира, многу лесно ќе го дознаете тоа, ако ги погледнете плакатите, се информирате по сајтовите или случајно или намерно влезете во истите. Ете реков.
Инаку летното секојдневие во Кавадарци и покрај се, фукционира како и многу други лета изминатите години. Нема тука некои екстремно нови и оригинални нешта. Нешто друго боди очи и дава неубава, море грда дефиниција за нас, граѓаните на овој град. Градската хигиена. Чистотата на градот. Неверојатно нешто, колку повеќе градот се чисти, тој станува се понечист. Како да некои будалетинки и ситни душички, по редовното одржување на градската хигиена, намерно да го истураат сето ѓубре што се нашло по улиците и тротоарите, ги превртуваат и истураат контејнерите и корпите за отпадоци. Како да уживаат на некој перверзен начин во тоа. Колку ли само треба да си го мразиш сопствениот град, колку ли само недостасува домашно воспитување, за да гнасиш се пред себе. Па размислува ли таа непрокопцана багра за сопственото семејство, за сопствените деца кој живеат во овој ист град. Ма знам, се нема време за размислување во неколкуте минути пауза од воајеризмот по социјалните мрежи, каде нивните гнасотии, макар и вербално, немаат граници. 21 век во Кавадарци? Доцни троа повеќе.
П.С. Да, ова беше троа патетична колумна, како што всушност е патетично и кавадаречкото секојдневие овие денови. И кога ќе се решите очите троа да ги одделите од тоа социјалните мрежи каде што читате глупости и лажни вести, каде уште повеќе се палите на напишаните глупости и лажните вести, без да размислите дека станувате дел од националистичката багра чии себични цели се сосем различни од вашите, на обичните и вредни за почит луѓе на овој град, на оваа држава, е тогаш ќе препознаете дека животот е еден и ќе се отргнете од будалите кои во “големите“ зборови кои ги исфрлаат рафално - за вас нема место.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment