Tuesday, July 3, 2018

Блузирање (229-259)


(прва кавадаречка колумна)

Фантастичниот развој на технологијата ни докажува дека не се што допрело до шанса да се истопори пред микрофон и камера има нешто во главата вредно за споделување. Тресењето глупости ни стана навика, колку да се прави муабет и да се ствара нервоза и страв меѓу обичните граѓани кои изминатата деценија и нешто се бореа за парче леб, отфрлени од политичарите и нивните приврзоци, секако и од олигарсите чија спрега со политичарите е позната од осамостојувањето на Македонија. Сите знаат, ама “народот мудро молчи“. И додека народот мудро молчи, забеганите квази патриоти толчат се што фино произлегло на ова тло. Деценија и нешто ги гнасеа основоположниците на литературниот македонски јазик (Блаже Конески), лустрираа основоположници на првите македонски романи и литература на македонски јазик (Славко Јаневски) и ете ги денес каде продаваат квази патриотски пуфки, гнасејќи ги повторно истите величенствени македонски имиња, овојпат земајќи ги нивните имиња во одбрана на нивниот неодбранлив став. Гнасат бре се што ќе допрат, особено кога се осмелуваат да цитираат делови од литературни дела од големи автори, дела кои никогаш не ги прочитале. Лажните вести кои ги овозможува фантастичниот развој на технологијата им дава шанса на квазипатриотските корисници на социјалните мрежи, меѓи две уплати во некоја од спортските обложувалници, да врескаат и трескаат глупости, да шират лажни вести, од кои ќе се срамат нивните потомци, генерации умни деца кои доаѓаат и чиј предизвик ќе биде само иднината. Европската иднина.
Тоа се истите кои меѓу две утакмици на Светското фудбалско првенство, од страв од “понежниот“ пол дека не ја завршиле домашната обврска, фрлаат ќесиња со ѓубре од прозорецот по тревниците, по кои токму нивните деца играт детски игри кои ги носи нивното време, карактеристични за нивната генерација. Оти лето е и децата се надвор, возат велосипеди (вртејќи околу вашите безобразно паркирани возила), играат баскет, фудбал, додека вие заборавате дека еднаш сте биле деца и сте имале желби. Да, во меѓувреме сте и врвни спортски стручни лица, кои го познавате (во случајот) фудбалот онолку колку што ви вреди пропаднатото ливче од обложувалницата. Така некако тече и кавадаречкото секојдневие. По дождливиот јуни, јули донесе сонце и ви го заеба “патриотскиот“ план – од пред телевизорот скришум да заминете директно на некоја од плажите на јужниот сосед, па потоа да се правдате дека, ете јас не сакам, ама децата, жената, та блиску е. А ваму за некој ден гордо ќе се топорите на некоја од лежалките и ќе шмукате грчко “ајс кафе“. Нејсе. И тоа ќе помине и ќе разговараме кога ќе се вратите на линиите на вашите работни места, “патриотски“ да веднете глави пред тоа белосветските инвеститори, кои гласно ги пцуете додека се печите на јужните плажи, брзајќи да го окркате патлиџанот и сирењето. Оти се има рок на траење.

П.С. Лето е.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment