Friday, January 12, 2024

Блузирање (303-333)

(прва кавадаречка колумна)

 

“Да бидиш алтернатива во деградирано општество е сосем кул“ – Рамбо Амадеус

 

Вообичаено најголемите глупости во една година се случуваат на крајот на истата. Оно, овде глупостите се секојдневие, ама ете некако со децении крајот го “краси“ делото. Глупости имаше и на крај на 2023, ете ги кај “радосно“ не пречекаа и во 2024.

Не успеавме како граѓани, како народ, како држава да се отарасиме 33 години од глупостите на политиката која и на сон ни доаѓа со “двеста“ прес конференции дневно, со тоа портпаролите на политичките партии кои како некои баби “нарикачи“, само озборуваат наместо да изнесат факти, секако со намера преку изнесените лаги и вознемирување на граѓанството да му наштетат на противникот, демек. Срам да се немало, ниту минимална општествена одговорност.

А што се однесува до крајот на 2023, најмногу што ме навреди како граѓанин е тоа што со една обична препорака на Владата, дека може да се работи и во недела (и адекватно платени вработени), алчните газди на супермаркети и слични тракатанци одлучија да им го одземат денот на вработените, максимално малтретирајќи ги на 31.12.2023, кога истите треба да бидат со семејствата. И немојте да ми кажувате дека се платени за тој ден. Напротив. Впрочем, прашајте некого од нив. Срам да се немало, ниту малку човечка емпатија и солидарност. Багра алчна!

Исто ко‘ екстремниве десничари/левичари кои не утепаа со нивната љубов кон татковината. А ваму никаков обзир со нивниот екстремен национализам (како предвестие на фашизмот) кон обичниот човек кој само сака да го живее животот толку – колку што може и слободен да придонесе за поубаво утре за сите. Оти колку и да се кичести и смешни празниците новогодишни, треба да се има почит кон оние кои ги слават, особено оние што не е се турбо – фолк и не се малку, ма колку и да сакат да не убедат во тоа организаторите на “манифестации“, се еден до еден патриоти кои стотици илјади евра истурија да донесат џингрлака музика ли е што ли е од соседството. А бе го имаме истото за ситна пара овде, во првата кафана со локалните турбо фолкери, само што се многу поефтини. Ах да, квази патриотизам завиткан во обланда на екстремен турбо фолк, а како “црешка на тортата“  - 50 илјади публика на плоштад кој собира максимум 5 илјади луѓе. Фали ме усто! Иронија нели. Ама мора парите да се правдат, така да се е јасно. И да. Тука завршуваат сите приказни за култура и уметност, тука завршуваат сите приказни за непотребен огномет од кој половина маалски улични животни заминаа во неповрат, тука завршуват сите приказни за традицијата на палење на коледарски огнови која стана еуфорија на “бомбашки напади“ до сабајле од екстремно гласни петарди ли се, што ли се. Да не започнуваме за екстремната сообраќајна некултура и покрај сите “прикаски“ за решена сообраќајна инфраструктура. Тука завршуваат сите приказни за квалитетно градско живеење. Тешка заебанција, живот на подбишега. И да, се иселуваат млади и нешто постари и од Кавадарци. Меѓу нив солиден процент на патриоти, кои потоа удобно сместени во некоја западна недоѓија ни солат патриотски ум нам кои овде останавме и сеуште веруваме дека Македонија и Кавадарци ќе ги биде. И да, сите кои имате туѓ пасош, баш ве заболе што нашата држава се вика Република Сeверна Македонија. Ние кои останавме овде и имаме македонски пасош, деновиве ќе ги промениме личните документи и не правиме светска катастрофа од тоа. Едноставно, животот тече и не чека локалните патриотски дрипци од викенд во Солун да ни кажат како да живееме ебати. Во стилот “Чебрен не го даваме, ама не знаеме што да направеме со него“. Така му доаѓа. Одам уште еднаш да го преслушам најновиот албум на The Rolling Stones. Да, излезе во 2023, а во 2024 не очекува уште мнооогу добра музика. Најквалитетното што се очекува оваа година претежно е рок, ама и онака ова не е текст за друга “музика“. Ако сте љубители на таа друга “музика“ – џабе читавте!

П.С. И во 2024 ќе се дружам со убави луѓе, истомисленици, соборци, ќе слушам добра музика, ќе ги хранам и бранам бездомните животни, ќе садам китки на терасата, ќе ги почитувам вредностите и доблестите, ќе ја зголемам емпатијата, ќе читам одлични книги од домашни и светски автори, ќе купувам и разменувам книги, стрипови и списанија, ќе се почитувам малку повеќе себеси, ќе возам повторно точок и ќе ги пцујам оние кои не го почитуват тоа, ќе бидам вообичаено гласен со јасно изразен став за Кавадарци пристојно место за живеење, за Македонија во ЕУ, како решение за милион глупости и проблеми.


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment