Sunday, January 28, 2024

Блузирање (304-334)

(прва кавадаречка колумна)

Еве не по вторпат во 2024, на сред празници кои така еуфорично ги “славиме“ ко‘ да нема утре. Повеќето од празниците се верски и секако – почит кон вистинските верници, а не кон папазјанијата која неодмерено и со врескање, софри и железна потпора на кичот и шундот ја покажува својата верска припадност со непочитување кон останатите верски конфесии, особено кон атеистите. А да видиш ти интересен момент, во моментот се чини дека токму атеистите се најприсебни и единствени кои имат искрена емпатија кон вистинските верници. Оно, верски празници има секој ден, кому како му дојде. Преполни се социјалните мрежи со “вера во бога“ преку објава на фотки на сомнителни и шарени икони, кои врска немат со реалноста. Ај, нека врви животот, нек‘ терат софрите. Па се таму некаде до 14 февруари кога ќе започнат долгогодишните бесмислени полемики Свети Трифун или Свети Валентајн. Ко‘ да повеќето знаат кое е значењето на двата празника (во ист ден). Ма појма немат!

А друго ми беше муабетот. Пред некој ден еден пријател ме праша што правиш кога ти е досадно? Одговорот беше едноставен: “Мене никогаш не ми е досадно.“ Или сум на работа или читам книги, списанија, весници, стрипови. Задолжително слушам музика (во моментот “вртат“ The Stranglers), пијам кафе со пријатели или буквално на сред град правам супер муабет со познаник. Играм и јамб, правам скара секоја недела, чистам со правосмукалка и бришам прашина, понекогаш ќе напишам некоја песна (инспиративен е животот), а знам и да молчам и така да ми биде фино.Плус сеќавањата кои врват до крајот на животот.“

А едни од сеќавањата одат вака: Таму некаде крајот на седумдесетите, ние основно школо, троа потпораснавме, ама филингот добар, друштвото океј и се враќаме на детството. Како што реков, крајот на седумдесетите минатиот век, троа потпораснавме. Да се разбереме, истите и ден денес се почитуваме. Ама тие години бевме деца на дворовите и околните улици и тротоари, бевме деца на нашите баби и дедовци, бевме деца на седумдесетите.

Мојата баба Цанка беше речиси целиот живот домаќинка жена. Од појадок, преку ручек до вечера. Во меѓувреме пишии, крофни, тараненик, кори и тарана. Имаше преку две куќи погоре (улица “8 Март) една баба Цвета Дињарица, баба на Тана и Димето, а најдобра комшичка другарка на баба Цанка до крајот на животот. Во семејството на баба Цвета не беше само таа. Тука беше нејзиниот дедо Анѓел кој ни ги откри тајните на вадење мед, а ние ко‘ деца нели, само зјаевме откривајќи го светот на пчелите, тие носители на животот. Неверојатноста на тоа супер семејство е што татко на Тана и Димето е чи‘ Ѓоко Дињарот, слаткарот во Ангрото, а нивна мајка беше извонредната тетка Лила Фризерката чии приказни сеуште траат. А легендите траат нели. А таа баба Цвета и таа баба Цанка, ко‘ ќе ме видеа, не да ми се радуваа, туку ме гњавеја со сите реперкусии кои ги сноси односот баба – внук. Благодарен сум им за тоа.

Останато, меѓу другото ми е едно сеќавање, раните осумдесети, вујче Иван и вујна Неша со Цанка и Надица се на одмор летото. Ја одам кај баба Цанка да ја видам, а они квакнати на ѕидчето (меѓу дворот на баба и тетка Стојна) со баба Цвета и ја “заебават“ тетка Душанка како била многу дотерана. А ја, таков ко‘ што сум скроен, “Аман бабо, аман баба Цвето!“. А они мене “ Оди таму ручај и заминуј!“. И што ќе му правиш. Ги имаа годините, тежок живот зад нив, а прекрасни со нивната љубов кон потомството! А баба Цвета ги “тегнеше“ цигарите во најдоцните години и и викам “Баба Цвето, ме утепа од гребење.“ А она мене “Дете, бркај работа, имаме муабет со баба ти“. И после тоа на заминување, кутија цигари во џебот од палтото од баба Цвета Дињарицата, баба на Тана и Димето. А комшии на мојте братучетки, мои сестри Цанка и Надица. А и кај баба Цанка и кај баба Цвета дворови големи, да се изнаиграиш! Ете така, не е до времињата, до човеците е!

П.С. Во некоја друга прилика прикаските за кавадаречките трафики. За трафиката на Нова Македонија, на Тутун, па за трафиката на Марето, после тоа на Шупелката, па до денешните трафики, така безлични, ко‘ што ни стана секојдневието.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment