Thursday, September 18, 2014

Блузирање (154-184)



(прва кавадаречка колумна)
Деновиве често го слушам Џони Кеш (Johnny Cash). Ми доаѓа така понекогаш. Да слушам добра музика. Не оти некому му е гајле, ама слободата нема цена, па макар и во слушањето музика. Го правам тоа (слушам добра музика по свој избор), особено кога некој по директива сака да ми наметне едноумие. Па ете ме со нова енергија, прочистен од наметнатите “музички дејствија“, каде се фаќам за “перото“ и одам понатаму во бескрајот на чудното кавадаречко секојдневие.
Инаку, Кавадарци има нови сообраќајни патокази. Секако дека тоа бааѓи ќе помогне во снаоѓањето низ градот, особено на патниците намерници, но и за локалните бесни “оператори“ на моторни возила чија сообраќајна писменост достига до првата бандера или контејнер. Секако дека сега, ако не друго ќе знаеме на која улица има најмногу неправилно паркирани возила, та можеби на некој одговорен за тоа и ќе му текне, па ќе започне да ги санкционира арогантните сторители, а не само да делува превентивно (не заебавај!) и да дели флаери во “успешните превентивни акции“?! Ете, секојдневно сум сведок на екстремната сообраќајната некултура особено на “Илинденска“ (за време на сообраќајниот шпиц се врши дотур на роба во локалите, паркирани возила на сред улица и пешачки премини со нагласок на “газдите“ на таму лоцираните локали, паркирани мотори на сред тротоари...) и “7-ми Септември (паркирање на автобуска и такси постојка, кога ретките совесни возачи ќе застанат на пешачки - зад нив десетици рурални возачки будалетинки свират и пцујат, да не ги спомнувам пак пазарните денови...).
И додека откупната цена на грозјето годинава е на ниво на ланската (и покрај преполовениот род), на градскиот пазар цените заминати “до небото“. Му доаѓа годинава зимницата да ја набавиме по маркетите, оти прекупците на кавадаречкиот пазар најверојатно решиле “мас‘та“ да ни ја извадат за доматите кои личат на пластика, за пиперките кои се “капат“ штом ги донесеш дома, за бананите кои имаат вкус и мирис на пет видови овошје и зеленчук (само не на банана), за струмичките кикиритки набавени некаде во “недоѓија“ и слични пазарџиски “матаркуки“. И тоа во период кога економијата “е во подем“, кога платите на администрацијата по седум години конечно одат нагоре (4% = две тегли пинџур). Белки во овој општомакедонски економски подем, на најголемиот вработувач во Кавадарци конечно ќе му киниса, па на халите (во кои илјадници вработени немаат храброст да формираат синдикат) ќе осамне називот на фирмата, а не фабриката да личи на голи хангари или уште полошо на “пластеници“ во кои се одгледува расад за разно – разни градинарски култури. Не верувам дека во матичната земја на “најголемиот вработувач “ во Кавадарци воопшто и помислуваат на такво нешто – на таинствено лоцирање на дел од мултинационална корпорација. Ќе да е некоја тукашна ујдурма Еј, илјадници луѓе се во прашање!
Не дека Кавадарци е најлошото место за живеење на овој бели свет. Не дека не може да биде подобро. Арно ама, рекордната бројка на возила донесени од државите каде тие истите имаат забрана за користење (најверојатно нешто лошо ќе да е со нив) не е мерило за економскиот подем, не е мерило ниту подзаборавениот (страотно) голем еколошки проблем, не е мерило ниту енормната бројка на засекогаш заминати убави луѓе од овој град во некои нови татковини. Патриотизмот се мери малку поинаку, не со мегадецибели турбо фолк! Арно ама - “Џабе везеш блузеру, каа се ти стое у подрумот“.
П.С. Годинава големи турнеи низ светот имаат прекалени рок групи, меѓу нив Kiss и Def Leppard (и двата бенда тераат јубилеј 40 години), Motley Crue се на голема турнеја, па дури и легендарните The Who се решија да направат турнеја по повод 50 години од формирањето на бендот. The Rolling Stones од издавањето на последниот (?!) албум не се симнати од светските сцени (а концертно се активни над 50 години). Од балканските бендови меѓу другите на турнеја се Disciplina Kichme, Psihomodo Pop, Obojeni Program, Darkwood Dub, Dza ili Bu и Parni Valjak. Од македонските рок бендови никој не е на турнеја. Повеќето од нив (ад – хок) свират на манифестациите кои се организираат по речиси секое село или град низ Македонија. Се разбира – ако ги повикаат!
By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment