Saturday, September 13, 2014

Блузирање (153-183)



(прва кавадаречка колумна)
Уште едно лето е зад нас. За некој ден и календарски ќе замине. Сезоната на подготовка на зимницата е во ек, градот мириса на печени “ќушки“ и свежо пржен пинџур. Грозјето наголемо се прибира, казаните за ракија се подготвени, комињето врие, се мијат бочвите, “миризбите“ се измешани – доаѓа есен во Кавадарци. Ете, поминаа и гроздоберските чествувања, па како за кого, може некој и ќе се сеќава до наредната година. Остана ст(р)авот дека музичкиот дел на главната манифестација е премногу сличен на разно – разните “големи  манифестациии“ кои ги има во секое село и град низ државата. Турбо фолкот носел народ, па му се препуштивме со отворени раце (“Пу, да ти ибам рацете“). А баш имавме фин повод градски да се “распиштолиме“, оти “Тиквешки гроздобер“ наполни пеесет години. Му ги дувнавме свеќите, му испукавме огномет, па му се свртевме на скарите, неоти кавадаречкото секојдневие после тоа ќе се претвори во нешто друго, та ќе му ја мислиме кој, што и како ни дошол или не на гости. Ние не му ја мислиме (ниту пак тоа некој го санкционира) за паркираните возила на пешачки и на сред улица, за истуреното комиње таму каде не му е местото, за неколкумина “разулавени“ моторџии кои по цели ноќи ги “вријат“ тоа (ѓоамити моќните) машини, та ќе му ја мислиме зошто некој го смести концертот на Дадо Топиќ меѓу субвенциониратите хип хопери кои не се ни потрудија да го скријат плејбекот. И незнам зошто сте изненадени кому годинава е доделено највисокото општинско признание, наградата “7-ми Септември“?!
Друго ми беше зборот. Далечната 1980 година, ова време, беше завршен уште еден “Тиквешки гроздобер“. Десетици илјади посетители од страна (сеуште ненадмината бројка) беа заминати, со себе носејќи ја приказната за Кавадарци, со полни куфери сувенири, полни багажи вино и грозје, најадени и напоени (со вино кое се точеше бесплатно директно од цистерните на тогашниот Агрокомбинат “Тиквеш“). Интересно е тоа што таа година умре Маршалот (за многумина како уште да е жив?!), па никому од тогашните властодршци не му текна да ја укине манифестацијата посветена на грозјето и виното, за да до ден денес да се мотаат низ градот разни “приказни“ зошто тоа (укинувањето) се случи наредната 1981 година кога (стариот) Тиквешки гроздобер се одржа за последен пат. Големината на Тиквешкото виногорје премина во балканските и европските легенди благодарејќи на енормниот раст на лозарските површини до таму некаде девеесетите години на минатиот век, кога беше достигнат максимумот. Легендите всушност се вистина – од една реколта до стан, куќа, кола, во зависност од тоа кој каде го продал грозјето. Секако дека еден дел одеше во подрумите на “Тиквеш“, а останатото по бившите југословенски републики, каде се претвораше во вино во тамошните винарски визби, добро платено, со задоволни производители, откупувачи и преработувачи. Арно ама, тој “филм“ одамна не се прикажува овде. Тогашните лозови плантажи во Тиквешијата сега се сведени на помалку од половина, а системот во кој денес егзистираме, си има свои правила. Само да не е баналноста на дневното политиканство (од сите бои и шари), можеше да биде барем за нијанса подобро. Ете, денес, сите се производители на вино и ракија, мистеријата на производство на маџунот и натаму трае (со ретки пристојни обиди), вино во Кавадарци се продава само во маркетите (а демек сме производители и сакаме да бидеме дел од “даскалите“ по винска култура), само во “старските“ муабети се спомнува вистинската закуска за тиквешкото вино и ете не, таму каде што сме. Патем, да ве прашам нешто -  бевте ли на концертот на Влатко Стефановски? На човекот кој уште еднаш во живо докажа дека ствара вонземна, а толку наша музика? Не? Ваш проблем. И тоа голем, ментален. На сета озгора, Парни Ваљак воопшто не се спомнати. Тоа, во некоја друга фина прилика.
П.С. Не се сеќавам (а паметам од поодамна) некогаш Градскиот плоштад, ниту јас, ниту луѓето кои ги познавам, да сме го нарекле поинаку освен плоштад(от). Ниту Маршалот ми значи нешто, ниту Филип (која и да е бројка) во моето егзистирање во Кавадарци. Многу поважни нешта за оваа наша живеачка се и буквално ургентни за решавање, а дел од нив се токму во близина на плоштадот. Оти, за разлика од многумина кои сега ни го топорат името на плоштадот како нешто без кое не се може, јас моето детство и рана младост и буквално ги поминав на плоштадот. Да не се заебаваме со споредни работи, дајте бре решете нешто што е од важност за сите во ова наше кавадаречко секојдневие.
By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment