Friday, September 13, 2019

Блузирање (240-270)


(прва кавадаречка колумна)

Летото заминува, а Блузерот го нема со некој збор. Се уплашил?! Го мрзи?! Не му се пишува?! Ниту едно. Далеку било да се уплашил човек кој никого не навредил низ годините пишување за кавадаречките работи и слични тракатанци. Плус работи, ствара, комуницира, има свое мислење за општествените појави, на сета озгора мрази национализам. Не го мрзи, само се препуштил на летото, оти летото за него е најубавото годишно време, ептен блузерско, жешко, тегаво. А да не му се пишува, па и не ќе да е така, еве го кај чека нова тастатура, оти на сегашната буквите излижани, неколку типки не функционираат. Што од пиво врз неа, а повеќе од што тропа на неа пишувајќи и и се фали на сопатничката дека “чука“ побрзо со два прста отколку бројни извикани дактилографи. Патем, тие истите дактилографи имат неостварени амбиции да бидат директори на големи јавни фирми, ама не му се може, оти некој ја следи ситуацијата и ја шири вистината. Не му се пишува? Неее, ете каде, на пат е до крајот на годината новата поетска книга, средена од неговата животна сопатничка, со сите керефеки за една книга поезија – од насловна страна, преку илустрации, до последна страница со сите информации. Кога ќе озлезе од печат? Не е важно. Самиздат?! Зошто да не. Инаку, оваа самобендисано наречена прва кавадаречка колумна е по 270 пат со вас, е па вие видете што и како.
Инаку, немам поим како се пишува репортажа, ама знам да споделам искуство, па некој нека се офајди од него. Оти нели беше лето, па дури и во Кавадарци, па време за патување, некому за авантури, некому релаксиран одмор, некому пак полна глава глупости, та тресе ли тресе, а ваму газот го истопорил на некоја плажа заедно со оние кои редовно се на таа плажа (и уживаат во неа). Патем задскриен зад профилот на социјалните мрежи ги пцуе и навредува истите тие со кои се “бања“ на истото тоа море и плажа. Заебано богами мора да му е во главата, особено од случајните фотографии направени на таа иста плажа. Оти нели, 21 век, интернет, ова – она. А бе на секој чекор психијатриски случаи. Па дури и во градот ни наш. Никој не остана да ја сподели нормалноста. Ама еве, да поприкажеме троа.
Летово патот, со мојата животна сопатничка (соборец, најдобар пријател, љубов до крајот на животот, една феноменална Билјана која го зема моето презиме), не однесе до Црна Гора и тамошното приморје, до прекрасниот Петровац (на мору). На легендарното и неприкосновено Јадранско море. А таму, туризам од највисоко ниво, луѓе од десетици и десетици држави кои се решиле заслужениот одмор да го поминат во приморско место чии жители уживаат во својот мал град, ги почитуваат туристите (99,9% обични луѓе со свои потреби и желби), хигиената на највисоко можно ниво, да уживаш во смртноста човечка покрај морето, со одлично еспресо (во Бистро “Петровац“ на пример) и феноменалното црногорско пиво (“Никшиќко“) и патем со првото кафе да уживаш во одличните дневни весници и да се запознаеш со една култура за која кружат легенди за мрзелива нација, а ваму на располагање од утро до вечер на посетителите, вредни и насмеани. Долга приказна која вреди да се раскаже во некоја идна прилика. Плус, целодневните посети на убавата Будва и неверојатниот Котор, во кој се враќаме и ќе се враќаме. Инаку, Котор е град во кој неговите жители се грижат за секој сантиметар убавина, град кој е оперисан од турбо – фолк и во кој неприкосновени се џез, блуз и рок музиката. Дали сум ви спомнал дека Котор е единствениот балкански град кој имa “Rock New Year”? Да и тоа извонредно звучи и изгледа и е неверојатно радосно. Да бе, авторот на овие редови, со едни фини градски луѓе, на пример 2018-та  ја пречека со концертот на Партибрејкерс. Со Боро, Вера, Ацо, Ана и Билјана, за да завршиме рано сабајле на првиот ден од 2018 во еден фин рок клуб. Во Котор, Црна Гора. Еве кај е 2020, ќе пиеме кафе на 1 јануари на “Трг од оружја“.
А за манифестацијата “Тиквешки гроздобер“ оваа година? Некој збор, во наредното читање, наскоро. Да и за Здравко Чолиќ.
П.С. Во деновите кога професионалците во својата дејност нема да бидат одстранети од нивната работа затоа што ја водат институцијата напред во урбаните убавини на 21 век  и кога нема да бидат маргинализирани затоа што грото од вработените во некоја имагинарна институција немат поим што тоа треба да работи нивната институција, е тогаш почитувани ќе размислуваме дека можеби еден ден ќе не биде и нема да ни висат над главата бараби кои вработувањето на грбот на државата го сфаќат како начин преку кој ќе ги излечат своите (квази) аматерски фрустрации. Таа е. Професионализмот овде деценија и озгора е на маргините. И последните идеалисти се откажуваат од доблеста да ја пружат својата креативност на радост на љубителите на убавото, Оти? Е па затоа! Да, ретките не гинат, туку опстануваат и се докажуваат насекаде. Не им се важни мејнстреим наградите и нивната повеќегодишна девалвација (“дно – дна“), така да, да сме живи и здрави, ќе не има, ќе се радуваме.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment