Saturday, September 28, 2019

Блузирање (241-271)


(прва кавадаречка колумна)

Ме носи блузот. Распослан како една јебена животна приказна на почетокот и средината. А финалето само што започнало, та блузерот ќе ги растегне тоа нотите, па да траат додека му одговара. Онака себично. Како што е себичен животот и неговите милион приказни. Арно ама, да се живи и здрави убавите луѓе, кои се арматура на цврстиот темел на тие исти приказни, та животот колку и да мава, куќата стои. Ако ви личи ова донекаде на малку поинаква поезија, тоа е затоа што блузерот е и поет, не само прв кавадаречки колумнист, онака самобендисано кажано. Оти траат деновите во кои се распослала убавината по некои ќошиња, само што не експлодирала, та да ги смачка тоа ситните души, кои се осмелија да ја покажат сета нечистотија на џабалебарошите, дудлачите, модерните кодоши (јадна им мајка), полтроните кои мајка ќе им расплакат токму на оние во кои се колнат. Ситни души јеботе, та поситни не може да бидат. Овде завршува поезијата и продолжува блузот. Што би се рекло - Карма ис де бич!
Што ми беше зборот?! Кавадарци е на истото место каде што е со векови. Има реновирани улици и тротоари. Нови сообраќајни знаци насекаде. Арно ама, има стари сообраќајни психијатриски случаи. Додека ова го читате. некоја антипатична будала ви се паркира пред портата, пушта четири жмигавци и заминува на кафе во некое трендовско кафуле, а вие онака фино изнервирани ропате фотка од мобилниот, ја објавувате на социјалните мрежи, собирате лајкови, патем во меѓувреме по дома ви умираат луѓе, оти додека висите на компјутерот итната помош нема пристап до вашиот дом. Оти?! Поради четирите жмигавци и панаѓурот во најава.
Привршува бербата на грозјето. Низ годините наназад овој период таа штотуку заверглуваше. Од каде знам? Е па знам, паметам и тоа паметам од поодамна. Мирисот на пресна шира своевремено беше најјак кон крајот на септември. И не само мирисот, туку и гроздовиот сок кој се преливаше од преполните трактори, камиони и приколици, по улиците насочени кон тогаш единствениот откупувач на винско грозје во Кавадарци – Агрокомбинатот “Тиквеш“. И манифестацијата “Тиквешки гроздобер“ во тие времиња беше вистински почеток на бербата. Чисто совпаѓање е ослободувањето на Кавадарци (7 септември 1944) од фашистичкиот окупатор со манифестацијата, совпаѓање била и дегустацијата на маџун, слатко од грозје, р’чели, гроздов мед и шира низ целиот град за време на манифестацијата. Остана да не потсетува на слободарскиот дух само споменикот на слободата на (една од верзиите) на Градскиот плоштад и Костурницата во остатоците од Градскиот парк. Оти еднаш било, денес само се раскажува. Онака, ми текна сабајле кога станав, миејќи се лице, расонувајќи се, се сетив дека малкумина останаа кои ги знаат приказните. Јеби га!
П.С. Во октомври, пред пеесет години, во 1969, излезе еден од најдобрите албуми во историјата на рок музиката “Led Zeppelin II”. Таа 1969 година во САД (малку поинаква верзија), троа порано низ годината, “The Beatles“ го исфрлаат забеганиот и извонреден албум “Yellow Submarine“ (во Англија издаден 1968). Да, во 1969, “Тhe Rolling Stones“ го издаваат албумот “Let It Bleed“. Америка?! Европа?! Та ние одсекогаш сме биле дел од модерниот свет, особено што за време на Втората светска војна сме застанале на вистинската страна, на страната на победниците, на страната на Антифашистичкиот свет. Немојте да го гнасите овој факт со вашите ефтини националистички лајна.

By
Марјан Т.
Бул. “Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment