Sunday, November 10, 2019

Блузирање (243-273)


(прва кавадаречка колумна)

“Dosta je bilo splačina
Pornića i drkačina
Dosta je bilo svakakvih
Lažnih informacija
Kako se živi, gdje se ne radi
Tko je u minusu, a tko u blokadi
Gdje lova ne vrijedi
A gdje se dobro kupuje
Ne znaš više kome da vjeruješ“

(“Hocemo cenzuru“, KUD "Idijoti", LP “Bolivia R’n’R”, 1990)

Да зборуваме за рок музиката во Кавадарци ти е исто како да зборуваме за “Потекло на видовите“. Да, навистина. Дарвин е крив за се. Новопечените верници последните триесетина години се противат на научната мисла, не од што се толку големи верници, туку едноставно до тука им сече. Така е и со рок музиката – ја сакаат доволно луѓе во градот за да трае Дарвиновата теорија. А ќе траат и двете и тоа како. Оти од воздух човек не бидува.
И ете, конечно, од 15 ноември започнува наплатата на паркинг местата во Кавадарци. Се претпоставува дека сите есапи се направени и дека нема да има – “аман ја и ти си живејме, бар кафето да си го испиам“ или позабеганата верзија “знајш ли ти кој су ја“.  Ако не, џабе фрлена боја за бележење по градските улици. Џабе сите муабети и ај сите еден по еден по лекарско. Оти, на прагот на партиципирање на европските и евроатлантските вредности, ако не не бива, дај тоа специјализациите за психијатри. Оти чаршијата “лафе“, кој колку ќе плате толку ќе има... Арно ама, ако се е по законот, тоа пајакот ќе има многу работа, така да надлежните нека му ја мислат и на пајак службата нека им “пишат“ прекувремени. Оно, се бива, може пајакот ќе се расипе, па нема делови, увозни се, тендер треба за нив, па ќе фати Нова година, па Свети Трифун, еден куп празници пред и после тоа и ете ги мегаломаните кавадаречки “сликани“ на забранети места за паркирање – “нико нам ништа не може“. Се навраќаме на претходно кажаното – “Дај тоа специјализацијата за психијатри“.
А паметам богами, паметам од поодамна, Кавадарци таму некаде почеток на девеесети на дваесетиот век има решение за сообраќајниот колапс. Решението се вика – казни според позитивните законски прописи. Плус – минус некој паркинг таму каде што му е местото. Ете деновиве еден познаник ми вели – “Блузеру, на Кавадарци му фалат околу 1500 (?!) паркинг места.“ Не бре пријателе, му велам, Кавадарци има 1500 вишок возила низ градот. Смрди, не се трпи, не се диши по пет часот попладне. Истата приказна од изминатите години. И тоа во време кога речиси 70 % од кавадаречкото жителство зимно време се грее на “алтернативни“ грејни тела – пелети, парни конструкции, клими, електрични печки, греалици, радијатори, солари и слични сувопарни грејни тела. Оние кои се греат на дрва се процентуално помалку отколку пред триесет години. И тука завршуваат сите приказни за загадувањето, за дрвата како загадувачи на животната средина, истите тие дрва кои се помалку ги има дури и во кавадаречкиот Градски парк.
А кога сме кај Градскиот парк, тој животворен простор за Тиквешијата, денес само остатоци од остатоците. Нели, самиот влез, како на било кој природен резерват кој треба да дише од зеленило и убавина, денес е надвисен од згради, та се отвориле кафеани за “градските“ чаламџии, во кои виреат и “бубашвабите“ од социјалните мрежи кои, нели така фино се грижат за градот ни. А бе иди бегај, киселини ме фаќат, а благце не сум апнал.
П.С. Од никој не започнало, со никого нема да заврши. Ова особено важи за општествените дејности кои еден град го прават – град. За културата, образованието и општите задоволства наречени градско секојдневие. И да, центарот на градот треба да биде на граѓаните, осветлен, фино искулиран и простор каде што градските бараби нема да ти мафтат со снимки од камери за кои никој не знае каде се поставени. Да сме живи и здрави, па во деновите кои доаѓаат да се радуваме на нови надградби на кративните луѓе низ градот, кои иако останаа на прсти да ги броиш, не се дават на шалабајзерите кои плукаат по тоа што самите биле вчера, завчера, а биле, како што викаа своевремено во “Кавадаречка династија“ (парафризирам) – “Та не сме ние само овде, ние сме безбројни милиони низ целиот свет“. Накратко, кодоши од најдолен вид, вошки што се требат само со специјални шампони, арно ама “Karma is the bitch!”

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment