Tuesday, November 12, 2019

Блузирање (244-274)


(прва кавадаречка колумна)

“...Ги знаеш добро оние
со скришна солза длабоко во срцето
со скришна злоба далеку зад погледот
болни од немоќ
болни од желба за одмазда...“

“Heart Core”, Архангел, LP “Heart Core”, 1998

Колку ја пишувам колумнава? Од 2004 година. Мислите дека нешто е променето од тогаш? Има мала суптилна промена. Сменети се шеширите и дресовите, сменети се боите. На поединци низ градот, кои се испустија мелејќи “брашно“ во скутот на разно – разните властодршци низ изминатите триесетина години. Да, за Кавадарци станува збор.
Една од градските приказни започнува вака: Иде Тошо Филиповски (креатор на култната ТВ емисија “Досие“, посветена на македонската рок музика) во Кавадарци, место еден викенд, доаѓа два и снима извонредно живо издание на емисијата. Повод е “Тиквеш Рок Фест Unplugged ‘96“. Тошо Филиповски денес е најетаблираниот аrхивар на македонската рок музика.
Една друга постара градска приказна вели дека во 1992 во Кавадарци се оддржа првото издание на “Тиквеш Рок Фест“. Еден од главните помагатели на фестивалот беше Бранко Трајковски Сачмо, односно неговото култно кафе “Сачмо Блуз“.
Една подоцнежна градска приказна вели дека во 1997 (на Градскиот стадион во Кавадарци и култната дискотека “Ла Луна“) се одржа третото (меѓународно) издание на “Тиквеш Рок Фест“. Главен помагател беше култниот Клуб “Галерија“.
Да, можеше да има една нова градска приказна, урбана, весела, животворна и во 21 век, односно во 2019. По минатогодишното рестартирање на “Тиквеш Рок Фест“ и феноменалните “Last Expedition“ како гости, годинава нема фестивал. Зошто? Е па нема повеќе урбани приказни, станаа тешки за раскажување, станаа контрадикторни со општата градска состојба. . Остаревме докажувајќи дека еден ден Кавадарци ќе биде град, не друго, барем на нивото на доцните седумдесети/почеток на осумдесети на минатиот век. Не треба повеќе – финалето на првиот официјален македонски рок фестивал “Екран Рок Фест“ се оддржа на Градскиот стадион во Кавадарци пред повеќе од пет илјади публика во далечната 1981. Да, во меѓувреме од суети и преваранти го загубивме и “Т’к Так“ фестивал посветен на еден од најдобрите македонски рок тапанари – Трајко Каров. Секако дека низ годините кои доаѓаат ќе има рок концерти во Кавадарци, ама урбаниот дух се сведува на два – три локали, на “Дорс“ и “37“ (во моментов), на една, две таканаречени невладини органиозации, на “Алтер Центар“ и... (допишете со свои зборови, ако ви текне).
Ма да сме живи и здрави. Не за друго, туку за да ја издржиме неверојатната тортура на “модерните“ градски места чии (после секое реновирање) отварања ни ја носат повторно и повторно балканската турбо – фолк (не)култура. И да, немам особено добро мислење и за “уан – ту“ бендовите кои упорно застанале во 1985 година и шибат бре брале, ко да “Два динара друже“ од поодамна мртвата Рибља Чорба и “Laylaод  Еric Clapton се новите хит на хитовите. А ние јадните само климаме со глава. Ма важно е да има што да се јаде, кој го ебе животот и неговите вистински, градски приказни!
П.С. И да, како сме затерале, крајот човек не може да ни го фати. А бе олабавете малку! До изборите (парламентарни) има уште пет месеци. А бе цел живот е тоа, смирете хормони и посветете се на најблиските, на семејството, на секојдневието. Особено тие таканаречени неопределени, кои не утепаа од квази хумор по тоа социјалните мрежи. Ебаве мутавите! И едни и други и трети.

By
Марјан Т.
Бул/“Џон Ленон“ 3
Кавадарци


No comments:

Post a Comment