Tuesday, January 14, 2020

Блузирање (246-276)


(прва кавадаречка колумна)

Ги знаеш добро оние
Со скришна солза длабоко во срцето
Со скришна злоба далеку зад погледот
Болни од немоќ
Болни од желба за одмазда“

Архангел, “Heart core“, ЛП “Heart core“, 1998

Првите денови на годината со забегани и мистични бројки (2020) не донесоа ништо ново. Светот околу нас се врти на истиот начин, Кавадарци е на истото место, со истите секојдневни проблеми и навики (реновирани улици и тротоари, со стандардни сообраќајни морони и дибеци опасни по живот), месец и озгора празници, та си честитаме или си правиме лице, кој ќе го знае, троа подзаборавени дека зад нас е уште една година полна турболенции, немири, страсти, глупирања и дневно политикантство, проткаено со лични интереси, година во која уште еднаш заборавивме на луѓето пред кои треба да се поклониме за нивното постоење. Оти и во Кавадарци и во Македонија, до небото се чуствува недостатокот од лична култура, недостаток од сопствено јас, недостаток од доверба и почит кон луѓето кои на грбот го носат печатот на чесни, вредни и професионалци. “Јебала вас партиска кадровска политика, фотелјашка љубов, залутана бирократска багра и тендерски интереси – некултурни и несписмени низаедни“.  Да, за Кавадарци ми е зборот. Градот чии најумни, највредни и признати (и надвор од градот) луѓе полека заминуваат одовде. На овој или оној начин. (Малку се засркнуваме кога ни ги топорат вработувањата на погрешни луѓе на погрешни места, ама таа е, и уште еднаш лингвистички кажано - таа е).  
А се помалку ги има меѓу нас, да ни дадат пример за тоа како не треба, за тоа како има надеж дека еден ден ќе се управиме и, ако не друго, дека барем ќе се вратиме на стандардите и вредностите кои во градот од поодамна ни недостигаат (а еднаш ги имавме, доцни седумдесети и цели осумдесети на минатиот век) – европско однесување, градска култура на живеење, почитување на поинаквите, респект кон успешните во нивната професија. Не верувате?! А и како би верувале кога не сте го вкусиле живеењето во град кој споредено со остатокот на државата, па дури и во времето на соцреализмот, имаше сосем идентичен развој со бројни (слични по големина и стандард) градови и урбани средини низ денешна ЕУ. Визијата на тогашните современици била Кавадарци кроток средноевропски град, модерен според архитектурата, моќен според културата. Денес? Што знам. Кога не би биле скриени повеќето од вас зад тастатурата на вашиот компјутер, кога би излегле од вашите забегани партиски шинели, можеби и би имало смисла да се надзборуваме и натпишуваме. Овака, скриени под маските на лажните профили на социјалните мрежи, со залутани мисли објавени на мизерните портали, истопорени на натпросечно мизерните партиски прес конференции без никаков смисол, баш и не ме интересира вашето полтронско размислување.
И уште еднаш, за Кавадарци ми беше зборот. За културните случувања кои во овој град се непрецизирани, недоволно критички опсервирани и не е да не е, ги има, ама како и да ги нема. Оти брзо забораваме. А што тоа ни донесе културата и уметноста во 2019? Овде (субјективно), да нагласам, не би ги третирал популистичките “направии“, настаните за народ и остала популација и ситните борании од култура и уметност. А имаше, не е да не е и од ова и од она. Последното на кое би се осврнал е театарската претстава “Професионалец“. Да, иронија, режирана и од професионален режисер, неверојатен текст, пораки низ него безброј како да е вчера напишан (оригиналниот текст е од 1990), недоволно локално третиран, ама претстава која со првите изведби и во новата година ќе покаже дека кавадаречкиот Театар знае да се наметне на врвот, каде што и всушност припаѓа на, ајде така да ја наречеме, аматерската театарска сцена во државата.
Овде не би се “курчел“ па да бирам настани кои ја одбележаа минатата културна и уметничка година во Кавадарци, ама да набројам неколку кои ниту смеат, ниту пак ќе бидат заборавени. Така некако ме тера мислата и искуството. Ете, Кавадарци ја имаше чест да ја доживее промоцијата на Романот на годината во организација и реализација на Фондацијата “Славко Јаневски“. Гости ни беа и членовите на фондацијата, но и авторката на Романот на годината “Некој бил тука“ - Николина Андова - Шопова. Во Кавадарци беа најандерграунд издавачите од Темплум, промовираа книги, зборуваа за медиумите, сефте кажаа дека првата фотомонографија (патем, извонредна) по сите тертипи во Македонија е нивно издание, вечерта зборуваа Драги Неделчевски, Галапче Галапчев, Никол Гелевски и Искра Трпева. Ме бендисува и тоа што “Темплум“ се искрени поддржувачи на стрипот и стрип културата. На гости во Кавадарци ни беше и Љупчо Јолевски, еден од, воопшто, најдобрите македонски новинари кои ја третираат музиката и културата, со неговото енциклопедиско издание “Радио“. Се радуваав годинава и на враќањето на детскиот театар во градот. Микица Илова направи чудо како креатор на новата детска театарска сцена во Кавадарци и чест ми е што бев скромен дел од нејзините креативни магии. Друго нешто? Имаше. Константната работа на 3дружението за алтернативнна култура “Алтер Центар“ ни ги донесе Меморијалните манифестации “Денот кога се роди добриот човек“ (осмо издание) и “Пријателите за Ристо“ (четврто издание). “Тиквеш Рок Фест“ не се оддржа затоа што ниту државата, ниту Кавадарци беа заинтересирани за тоа, ама 2020 има да го има, макар за стотината урбани градски деца од сите генерации, почитувачи на квалитетната рок музика и љубители на малку поинаквата и квалитетна култураа и уметност. Имаше и уште нешто, ама за тоа во некоја наредна прилика.
Другото? Другото се беше политиканство, задоволување ситни и лични интереси, топорење и гнасење на културните вредности и печалење пари на грбот на обичниот човек кому Кавадарци е пред се роден град, град каде му е домот.
П.С.По една неврзана полемика насочена кон рок музиката во Кавадарци, ја има или ја нема, тезга ли е, творење ли е или само константа која се повторува на одреден број поминати години, во која се спомна дека Кавадарци нема рок автори и бендови со соствена музика, си викам дај да запишам тоа што се сеќавам. Да се разбереме, Кавадарци никогаш не бил “рокенрол“ град. Арно ама, ги има рок музичарите кои рокат со години наназад не доволувајќи градот до крај да потоне во турбо фолк мизеријата, да потоне во декаденцијата дека ете нас за се не бива (?!), да не потоне во свадбарскиот потенцијал на “музички“ изблици. По згаснувањето на Токму Така (денес де се реактивира, де не го прави тоа), рок музиката во градот продолжи да постои. Ма познато ви е тоа, секако. Она што мене ми импонира, авторските моменти одсекогаш ги имало. По Токму Така, по долга (незнам од кои причини) авторска пауза, авторски се појавија Скајлаб (три студиски теми), Проблем (една тема), Деца на сонцето снимија нешто, во меѓувреме извонредните Океан Пацифик со фантастичните оригинални настапи (албум, сингл снимки), Нерв, со нивната оригинална гранџ изведба на авторски теми, секако неодминливите Журнал (неколку студиски снимки, ма и хитови), ете ги сега повторно на сцената, искусни и жестоки. Секако дека во поново време се неодминливи Смоук Шејкерс (снимен албум), плус трето место на Демо фест во Бања Лука (БиХ), учество на Заечарска гитаријада (Србија), учество на релевантни рок фестивали во Македонија, тука некаде се појавија Лексикон (засега две снимки на авторски теми), а ако се вратам малку наназад, контроверзните Вуду, кои со целосен авторски материјал настапија на еден од најдобрите европски фестивали “Егзит“ (Нови сад, Србија). Треба ли повеќе за еден град како Кавадарци, (не е важно дали се општински или пари од спонзори, ама баш воопшто не е важно) кој најголемите пари ги потроши на разноразни Цеци, Жељки, Розги и слични тракатанци. Не сте ги гледале или слушале кавадаречките рок бендови наназад низ годините? Ваш проблем!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment