Monday, January 27, 2020

Блузирање (247-277)


(прва кавадаречка колумна)

“Kompleksasi, titulasi
sto sanjate, sto vas plasi
usred svoje mracne moci
vi zivite u samoci“

(Atomsko Skloniste, “Cedna gradska lica”, LP “U vremenu horoskopa”, 1980)

Ова издание на колумната е старо речиси 53 години. Не верувате? Ајд’, од почеток... Оти не бива поинаку. Знам дека ќе ви звучи премногу лично, ама ова е сепак приватна виртуелна територија, на сета озгора и слободна територија на Блузерот освоена од 2004. Така да, ако не ви се чита, имате неколку милијарди сајтови, па снајдете се некако. Ако не друго ви преостанува да се впуштите во авантурата на дневно консумирање на сапуници од илјада и петсто епизоди, каде лежерно ќе уживате во дерењето на “читачите“ кои така фино ви го надсинхронизираат животот. И на локално и на нацинално ниво.
Сум се родил (така ми пишува во документите) во 1967, година во која тогашната држава ФНРЈ, подоцна СФРЈ (а во неа Народна Република Македонија, па Федеративна Република Македонија, па Социјалистичка Република Македонија), е со стандарди повисоки од речиси 70% од денешните членки на ЕУ (според тогашните нормативи), плус Јапонија чии денешни перформанси како држава се општо познати. Таква била таа 1967. Арно ама... За патриотизмот, за античките сограѓанки и сограѓани, нешто подоцна или подобро во некоја друга прилика или никогаш.
Инаку, моето раѓање е прославено на три адреси: На “Борис Кидрич“, на “Ресавска“ и “Божин Димов“ (поранешна “Дојранска“). Да, на “Борис Кидрич“ (роден таму во куќата на чичко Коле и тетка Вида и нивните Јованка и Иле) во соседството на Александар и Јулијана Малинкови и нивните Смилјанка и Стефанија (“Кум није дугме“) е мојата прва адреса, ама накратко. Една година потоа, на мојот прв роденден, адресата станала “Илинденска“ 3. И незнам дали има некоја врска со мојата денешна животна перцепција, ама на таа адреса (и соседните бројки, па и улици на “Илинденска“) во тоа време се раѓала една градска класа, која малку подоцна ќе го раздрма градот и ќе донесе врвни македонски уметници (Ранко Дакиќ, Цветанка Темкова и др. на пример), спортисти (Никола Глигоров, Тодор Гечевски и др. на пример), па неколку битни доктори, инжинери, специјалисти во повеќе области, одлични комшии (Будимка и Величко, Миле, Ружа, Ристо и Виолета, Димо Просипокот со семејството, Жико – свиреше одлично гитара, Митко и Љупчо, Цвета и Дамјан, Чејковци, Грковци, Ефремовци и слични обични луѓе и необично добри комшии и човеци)... Денеска, на местото каде што живеам со мојата подобра половина (во вистинска смисла на зборот) имам себични луѓе, лоши комшии и ситни души кои ги гасат сијалиците во влезот во зградата во пет сабајле, оти многу трошеле.
И од кога помина детството, животот ме однесе (некаде 1982) на “Индустриска“ 16. Населба “Страшо Пинџур“. Многумина во градот ја нарекоа “Градчето Пејтон“, иако ниту ја гледале таа популарна серија во (пази сега) шеесетите на минатиот век (со првите црно – бели телевизори низ градот), ниту пак му светеле на луѓето кога си го пронашле својот дом по нивните животни перипетии. Нејсе, таа населба и ден – денес е најубавата во градот. Парадокс нели?! Што ми беше зборот? Од тогаш па до последното мое битисување во тоа маало (1997) имам неверојатно фини сеќавања, оти имаше со кого да се створат. А комшиите, пионери во модерно/урбано живеење (Гого, Зока, Жике, Дијана, Иле, Дивна, Коки, Боби, Мартин, Ацо, Маричка, Боро, Марика, Ицко, Весна, Зоки, Иле, Тоше, Крсте, Бетиане, Даниела, Јасминка, Горан, и др.). Првата младост помина таму, а и почетокот на втората. Неверојатно?! Не, само сеќавања на последните години кога на Кавадарци не му беа потребни џабалебароши да му кажат како тоа да живее. Дел од тогашните соседи сеуште се таму со своите семејства (дел прва, а и втора и трета генерација), во некоја друга прилика ќе ви ги раскажам приказните, оти тоа маало се раѓаше токму на почетокот на осумдесетите минатиот век, на простор којшто пред тоа беше буњиште, депонија и место заборавено и од “Господ“. Нит’ згради, нит’ булевари, нит’ улички. Над своевидното гнасно мочуриште (пред да никне населбата) беше долната капија на Агрокомбинатот “Тиквеш“, плацовите и стовариштата на Прилепска пивара, Вишешница и понатаму Ангропромет (подоцна со додавката “Тиквешанка“) се до пекарата. Пазете, зборуваме за раните осумдесети на минатиот век кога Кавадарци ја доби својата конечна урбана верзија, која само требаше да се оддржува и надградува, ама ете не е така во денешно време.
Потоа? Во 1997 сменив адреса, седнав поинаку да го терам животот, се лоцирав на кружниот тек (тогаш единствен во градот) во Новиот центар и правејќи своевидна рекапитулација на пред тоа направеното, заклучив дека само можам да продолжам врз основ на претходното, ама сега со поинаква енергија која ме донесе до тоа што сум денес. Е добро де, има сеуште време до – денес. А денес, мало карикирање, живеам во зграда во која жителите не си го почитуваат својот семеен живот и воопшто не се грижат за него. Цепат дрва на терасата, фрлат ѓубре од џамовите, кинат туѓи сметки во поштенските сандачиња, бушат во единаесет навечер, децата им растат дивеејќи како да во нивниот стан се сами на светот - “Јебига друже капетане, војска све попила“. Попила, ама и заборавила дека има и утре. Има глувци и шприцеви во подрумот, подрум во кој истите тие деца влегуваат и си играат... “Ама што знае дете што се сто кила – зима и носе“.
Ех, приказни, градски и троа поинакви. Оти чаршијар не се станува ако живееш на чаршијата, туку напротив, ако имаш нешто во себе и тоа го делиш со сличните на тебе. Не си градско дете ако клетоштилакот те донел на врвот од градската депонија од живот, та тераш и си број еден истопорен на социјалните мрежи и плачеш по таканаречени лајкови кои само ти го креват егото, кое еден ден ќе пукне, та ќе те растуре. Ех.
П.С. Пред некој ден Кавадарци е (со официјални податоци) прогласен за најзагаден град во Македонија. Екологисти нешто?! Воа – ноа?! Друго нешто, кое како екологијата е своевидно прочистување, само што врвната култура и уметност е прочистување на умот и душата. Бевте ли на претставата “Професионалец“ на Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“? Не?! Ваш проблем. Важно лајкови имате по социјалните мрежи, та до небото истопорени и неважни во денот кој следува.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment