Saturday, January 31, 2015

Блузирање (166-196)



(прва кавадаречка колумна)

Сонував сон: Како со најдобриот другар играме јамб, па одиме на кафе, разговараме за секојдневни и досадни нешта. Па си посакуваме се најдобро до утредента, до после работа. На едно кафе де... И се разбудив! Ниту другар ми е тука, ниту секојдневието е досадно, напротив – забегано е и неветувачко, ниту пак после работа нешто ми се дружи и разговара. Вчера сретнав двајца млади пријатели, образовани, убави луѓе – за три дена заминуваат од тука. Од тука, ама не само од Кавадарци, заминуваат од Македонија. И повторно истите прашања, повторно истите размислувања – мојот најдобар другар не живее во Македонија!
Колку човек и да не сака, мора да ги бележи негативните појави, бидејќи се мора и бидејќи се нарушува нормалното човечко живеење. А вам ако ви е добро и не ви сметаат секојдневните проблеми и асоцијални дивеења, тогаш прекинете веднаш со читање и ајде на некој од тоа ѓоамити националните канали и уживајте во турбо – фолк тракатанците, квази – пеачите и дебилните сапуници.
Деновиве имаме најава дека наскоро ќе добиеме некаков ред низ Кавадарци, барем кога станува збор за идиотското паркирање, а со воведување на таканареченото “зонско паркирање“. Затоа што сообраќајната некултура во градот го доживеа својот врв. Неверојатно е како сообраќајките со жртви и повредени и екстремно голема материјална штета никому не му се предупредување?! Не можам да се изначудам ниту пак на (не)практикувањето живот во зграда, кој подразбира пред се толеранција, своевиден соживот, грижа за заедничкиот простор и основна почит на мирот и секојдневието на соседот. Дури и кога постои Закон кој го регулира живењето во зградите (куќен совет и негов претседател сосе неговата одговорност; ограничување на времето за реновирање и прослави и сл.), живеачката во зградите наликува како да поголемиот дел од станарите живеат сами на светот, та чукат, тропат и бушат од сабајле до доцна навечер, гледаат турски серии прегласно од полноќ до утро. Тоа е така, па и поради тоа сме такви какви што сме – “до небо“ несоцијализирани, тмурни, завидливи и без збор – замолчени.
А на 27 јануари годинава се навршија 70 години од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц. Зло кое не треба да се повтори, иако светските случувања и не ветуваат некаква си “светска светла иднина“. Милионските невини жртви предупредуваат. И оние од пред седумдесет и нешто години и денешните белосветски крвави случувања. Само нешто не видов/прочитав кавадаречката јавност да се “потресе“ од овој датум. Кавадаречкиот дел од социјалните мрежи и сличните интернетски “тракатанци“ и тој ден си го посвети себеси, на сопствените купатила, кујни, свадби, родендени, туѓи мудрости, украдени сеќавања, глупави селфија и слични домаќински и културни нешта. За жалење ќе да е работава.
А годинава пак, за која до пред некој ден велевме дека штотуку започнала, еве ја кај забрефтала и брза да помине, да ни се лизне низ рацете како и многуте пред тоа. Не од што така сакаме, туку од што толку не бива, та и таа не сака да има работа со нас многу долго. Еден настан ми дава за право дека барем еден ден овој период нема да го потрошиме залудно. Ете каде е понеделник, втори февруари, денот кога во кавадаречкиот Дом на култура ќе се случи интересна промоција на книга со вицови запишани и адаптирани на кавадаречки дијалект, но и дел авторски, на еден од последните вистински кавадаречки урбани ликови – Златко Вузевски Паја. Книгата се вика “Ѕидот на Паја“. Не би “тупел“ многу, само колку да му се заблагодарам на Паја што ми дозволи, покрај неколкумина други, да дадам скромен придонес во излегувањето на книгата и нејзината промоција. Паја го знам ми се чини целиот живот, а тоа значи бааѓи одамна. Не само како човек кој на социјалните мрежи ги руши македонските рекорди по членство во неговата хумористична фан група и за која (е)страдните извикани ѕвезди и ѕвездички можат вода да му носат. Приказните за него и од него не би ги собрало во десетици томови книги и затоа оваа негова книга со избор на вицови има посебна вредност. Пред се заради тоа што дел од неговата имагинација и креативност засекогаш ќе остане запишана и ќе патува со денешните и идни генерации низ времето, ма какво и тоа да било, што и да донесе. Оти, по кавадаречки кажано - Паја е убав човек. Еден од последните во градот. Повеќето си заминаа на овој или оној начин – засекогаш.
П.С. Сабота понекогаш ми е ден за одмор. Токму денешната е таква. И сам одлучувам како ќе го поминам драгоценото слободно време. А тоа значи дека не гледам телевизии кои ќе експлодираат од премногу политиканство, кои тежат од турбо – фолк по сите основи, “смрдат“ од нон – стоп сапуници во кои се допира дното од (не)квалитет и “новинари“ и  водители кои не знаат ни основен правопис и говорење. Затоа слушам музика во изобилство и тоа по свој избор, читам книги (сопствени, позајмени од библиотеката), пржам помфрит, пијам кафе, пишувам, гледам документарци направени по светски стандарди и се дружам, разговарам, пијам, мезам, се смеам со луѓе на кои не им е испржен мозокот и на кои не треба некој да им каже како да размислуваат и што да кажат.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment