Sunday, November 7, 2021

Блузирање (269-299)

 (прва кавадаречка колумна)

 

“...Далеку ми патува

Ноќва мислата

Високо над планини

Во небесни широчини

Летам над градот

Во облак претворен

Трепери ноќта

Од ветер пролетен...“

 

“Кандилце“ – Влатко Стефановски,  LP Cowboys & Indians , 1994

 

Есента полека преовладува и во Кавадарци. Претежно сончево, необично за овој дел од годината, ама ете тоа е. Кое време не сме го издржале и поминале, па за една (пре)топла есен ли сега да се ценкаме. Е сега, малку ќе газите кал во центарот на градот (и покрај сувото време), ама тоа ќе се среди еден ден, ќе профункционират и тротоарите на “Илинденска“ секако. И каблите ќе бидат подземни еден ден. Еден стварно убав ден.

Дотука е јасно. Одиме натаму. Ако очекувавте овде да зборуваме за недостатоците на Кавадарци, сте се заебале. Тоа нека го мислат оние кои земат плата за истото. Ние овде овојпат, се навраќаме на некои фини нешта кои низ изминатите години му случиле на Кавадарци, а се неповторливи. Или пак нема кој да ги повтори?! Е па да започнеме.

Во 1953 е основан, како институција, со одлука на Влада на Федеративна Република Македонија (за некоја година подоцна Народна Република Македонија, па Социјалистичка Република Македонија, па Република Македонија, па Поранешна Југословенска Република Македонија, па Република Северна Македонија), - Домот на културата во Кавадарци. Можете ли да замислите, по турболенциите, крвавите години, жртвите, револуцијата, борбата за ослободување од фашизмот,  по Втората светска војна се основала институција која ќе биде носител на културно – уметничките дејанија во град и општина Кавадарци?! Тоа е таа институција, каде првпат организирано се “правел“ Театар, каде фолклорната ризница по првпат организирано се повденало да биде Фолклорен ансамбл кој ќе созрева низ годините и ќе биде еден од најдобрите аматерски ансамбли во државата, каде кино проекциите ќе бидат културно просветлување до некаде крајот на осумдесетите, каде се се правело што никаде на друго место низ градот не се правело. Е па зошто овие податоци? Е па затоа, оти не е од никој почнато и не е со никој завршено, не за друго, изместени се перцепциите за културно и уметничко образование, не е се само во образовните институции. Ќе да е и до културните институции. Нејсе. Во 1953 година Кавадарци нема ни електрична енергија која ќе го напојува градот, “инките“ се информација за најновите вести од дома и од светот, улиците сеуште немаат имиња, а низ центарот (од денешна точка на гледање) тече “поточе“ на сред улица со измет. Кавадарци во 1953 е сеуште касаба со 8 илјади жители, па “куд који, мили моји“. Другите приказни се многу подоцна. Раните седумдесети Кавадарци започнува да станува град. И со големи букви ГРАД. Љубовта и професијата на тогашните градители на модерно Кавадарци сеуште живее. Големи човеци биле тоа. Поголемиот дел од нив е сеуште жив, подзапрашајте ги како и што треба. Што преку објектите кои сеуште виреат низ градот, што преку ненапишаната вистинска хронологија на градот Кавадарци. Ќе биде де, ќе се напише, ќе остане за идните генерации, еден убав ден.

Денес, ех денес, Кавадарци е тоа што е. Да не заборавиме, уште еднаш и уште еднаш. Кавадарци е на сите негови граѓани. Не е ничија партиска “прчија“, а најмалку на “политичарите“ кои се замислуваат дека владеат со градот. Немојте ве молам, ама стварно, немојте ве молам, полека со тоа амбициите. Да не наврат и “управни одбори“ и хонорари за комисии и “џезми“ од што многу му  ја мислиме за граѓаните на Кавадарци, сосе тендери и слични тракатанци. Оти и утре има нов ден. Што потоа? Вистинското Кавадарци е тука. Баш му е гајле за вас. Па и за нас, за мене, за тебе, за нив. Оти, ете убав ден ќе дојде, ама еден стварно убав ден.

П.С. Паметам, ама навистина паметам и тоа од поодамна. На пример паметам дека во 1992 година на сцената на Домот на културата во Кавадарци се оддржа првиот “Тиквеш Рок Фест“. Го организираа некои добри луѓе, без банка надомест. Учествуваа 12 рок бендови, од кои 11 од Кавадарци и еден од Неготино. И сите беа одлични. Победник беше градот Кавадарци, кој дозволи нешто такво воопшто да се организира и случи. Некогаш било, денес само се раскажува. Можеме ли поинаку и подобро?! Кој ќе го знае. Оти Кавадарци не е само вулгарната пцовка и новокафанско доживување. Ќе да е и нешто друго. Пофино. Поградско.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment