Saturday, November 20, 2021

Блузирање (270-300)

 (прва кавадаречка колумна)

 

“...Ljudi samo govore

zasto si nervozan

ljudi samo pricaju

ne budi tako grozan

 

Ljudske usne sapucu

suljaj se ti kradom

izbjegavaj nevolje

skinut ce ti glavu...“

 

(A sta da radim”, AZRA, LP “Singl ploče 1979-1982”, 1982)

 

Време е за патување низ минатото. Не многу далеку, до 20 ноември 2004, кога во тогашниот независен кавадаречки двонеделник “Тиквешка хроника“ за првпат ја објавив оваа самобендисано наречена прва кавадаречка колумна. Седумнаесет години поминаа од тогаш и за жал, не само што е прва, туку и единствена посветена на Кавадарци со сите маани и доблести. Не се појави друга па да ги “одмериме силите“. Се шегувам. Многу приказни, многу ликови, многу градски хронолошки моменти и записи, многу денови и поставени прашања (99% сеуште неодговорени), 17 години и 300 (три стотини) објави на сопствено размислување, сопствен став, сопствен избор, сопствена поддршка на фините градски нешта, стотици поставени прашања до оние кои се меродавни и платени да одговорат, урбани анегдоти и пред се вистинска и искрена заложба за Кавадарци пристојно место за живеење. И да, слатко време “потрошено“ за истражување за одредени теми во колумната. И којзнае колку пати повторено овде, милијарди сајтови ви се на располагање, партали, се извинувам, портали со полуписмени автори на текстови ли се, што ли се, платформи и што ли уште се на мрежата за вас почитувани, па изборот е ваш, ако сакате читајте, ако не ајт’ на друга адреса, што е и ваше уставно и лично право, особено ако не го почитувате моето поинакво размислување од вашето, што и не го барам, ама баш никогаш од вас. Ова парче слободна територија ги издржа сите лични и професионални перипетии на авторот, не па вас да ве издржи доколку си имате поважна работа од темите кои ги пласирам овде, да повторам уште еднаш – како лично и субјективно размислување за Кавадарци. Можеби не сум никогаш во право, ама мое право е да си кажам што мислам за одредена општествена и особено градска појава, со оглед на тоа што Кавадарци е мој роден град и сиот живот го поминав во него, па понекогаш и раскошно си дозволувам да имам свој став за него и за се што ме “тангира“ во него. Каков? Ете ви адреса достапна на интернет, се е достапно што сум напишал во 300 објави, од 20 ноември 2004 до денес за разлика од пиши – бриши “автори и експерти“ за се и сешто. 17 години бре, сум се “утепал“ од пишување. И за се што е напишано, до збор постои и е вистинито и стојам зад тоа. Оти да пишуваш за градот кому си го посветил животот, можеби малку повеќе, ама дефинитивно е заебано. Ама и убаво. Оти еве и сега додека ги пишувам овие редови ме фаќа напад на смеа, читат бре, читат, дури и распосланиот кодошлак чита и се распаметува напикан во сите пори на градот кој не го сакат. Ним градот им служи само за лични интереси и омраза кон поинаквиот од нив, најчесто тој поинаквиот е и човек кој направил нешто за градот. Некој некаде рекол – ситна боранија од луѓе. Ептен ситна, би додал. Нејсе. За жалење. И зошто да не, еве ви лектира меѓу две кодошки интервенции. А бе животот не е порно филм, не е сапунска серија, не е политички памфлет, ќе да е нешто посуптилно и поубаво.

Пишував во овие 300 изданија на “Блузирање“ често и за културата и уметноста кои ми се секојдневие и приватно и професионално. Горд сум што од далеку се гледа (чита?!) дека не се изоставени голем број на квалитетни случувања, личности, настани и себеси си дозволувам, на овој простор, да мислам троа повеќе субјективно и од лична точка на гледање на нештата, особено што со културата и уметноста сме на ти, па што како директен учесник, што како љубител и почитувач на квалитетното, креативното, оригиналното и често поинаквото имав (и сеуште имам) свој став и професионален изблик и радост, среќа, понекогаш тага, често збунетост заради неможноста се што е квалитетно да се најде во овие редови, но и цврстина, некаква си храброст да се издржи секојдневието, колку и да тоа нема никаква допирна точка со реалните потреби на еден човек со свое јас во овој град, случајно или намерно наречен Кавадарци. Едно одсекогаш било јасно во овие редови – ничија не траела довека. Така да, уште утре ќе сум дел од некоја театарска претстава, концерт, промоција, изложба, за дел од нив ќе пишува и овде, за дел од нив ќе муабетиме попатно, можеби од нога, можеби некаде со кафе, пијачка или седенка до долго во ноќта. Со фини разговори, разговори, разговори, почитување, насмевки... Оти со човеци бива, не со типови кои забораваат дека имало вчера, завчера, каде ги оставиле парталите на себичноста и омразата, дека има утре во кое ни под разно нема место за нив. Оти? Оти така треба. Оти, најубавите приказни за Кавадарци сеуште се пишуваат. Прашање на време е кога ќе експлодираат во својот раскош и елементарна пристојност, општа култура и почитување на вредностите кои и во моментот намерно се пикаат под тепих, за да алчноста по “видејте ме“ им потрае, во една ефтинија од постоење и мерак за дневен чалам и неискреност до небо. И да бидам уште еднаш субјективен (си сакам – си можам), она што го пикате под тепих, она што ве боли (џабе криете), она што уште од сабајле го мразите, еден убав ден, ете го кај и да е, ќе дојде, ќе ве покрие со прашината на заборавот и ајт’ здраво. Ве нема, ко’ да не сте постоеле. Оти убавината се раѓа за да остане, за да биде вечна и вековита. Така е и во културата и уметноста, меѓу другите општествени појави во ова факинг секојдневие. Понекогаш ми се чини дека веќе наредните денови  ќе надвладее разумот, ќе се распарчи на милиони делови национализмот, ќе заминат во неповрат сите зла кои не доведоа до ова дереџе, оти, нели, не сме од вчера и не сме за до утре. Има денови. Ќе почекаме.

Кога сме кај културата и уметноста, сами дадете ја дефиницијата што е тоа култура и уметност во Кавадарци. Толку од мене, толку можам. толку знам. Оно, понекогаш повеќе, понекогаш помалку, како ќе се падне, ама ете приказните ќе ги тераме по наше и во некои идни изданија на “Блузирање“. И да се разбереме, не ми мешајте овде политика, оти политиката е зло, а злото нема предиспозиции да ствара добра култура и уметност. Изборот на политиката не е и мој избор. Толку за тоа.

Друго ми беше зборот. Во одредени периоди (денови, седмици, години) сум размислувал да престанам да ја пишувам колумнава, а во одредени периоди пак да се обидам ова да го ставам меѓу две корици и да личи на книга. Ниту едното не сум го остварил. Ниту сум престанал да ја пишувам колумнава, ниту сум ја ставил меѓу две корици. Ко’ политичка партија сум станал ебаго, ниту едно ветување (од двете) не сум остварил. Ама ете денес е денот кога на “мрежата“ стигнува “Блузирање“ број 300. И драго ми е поради тоа. Сум опстанал во оваа бара полна со крокодили. Да бе. И сеуште читам добри стрипови и одлични книги. И сеуште слушам вонвременско добра музика. За инает? Не, за сопствено задоволство и ќеиф. А што се однесува до пандемијата на COVID – 19, во понеделник одам да се вакцинирам по трет пат. Фала ви и се читаме наскоро повторно. 

П.С. Ја имав ете таа среќа, мојот сопатник во забеганото секојдневие, мојот соборец, мојата поддршка во приватното и професионално патешествие наречено живот да биде мојата сопруга Билјана. Да делиш буквално се, да имаш почит и разбирање, да ти се радува бре некој во секое ново утро и покрај гласното тропање по тастатурата понекогаш и долго во ноќта. Додека ги пишувам овие редови, таа нема поим дека ова издание на “Блузирање“ број 300 и го посветувам нејзе, на нејзината енергија, креативност, несебичност, радост, на нејзината неуморна левучка, на нејзиниот и наш “Сокол Арт“, на нејзината љубов. Денес е 20 ноември 2021, сабота, вечер ќе се дружиме со драги луѓе, ептен убави човеци. Патем ќе слушаме добра музика и потоа во кревет, со добра книга и радост за утрото кое следува. А утрото? Утрото не очекуваат палачинки од маестро Филип Јанчев, на кои ќе се насладуваме со сиренце и кавадаречки маџун, а потоа и некоја скаричка и понекое пивце со една фина екипа и повторно со добра музика, а се по повод “Блузирање“ број 300. Скромно? Неее... Напротив! Моќно!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment