Thursday, November 4, 2021

Блузирање (268-298)

 (прва кавадаречка колумна)

 

“Чувството дека се ближи број 300 на Блузирање“

Марјан Т.

 

Првиот прочитан стрип во животот и не беше класичен стрип, беше “Микијев забавник“, купен (од парите за ѓеврече и серенатка) од трафиката на тогашна “Нова Македонија“, каде продаваше легендарниот чи’ Мите. Трафиката во тие седумдесети на минатиот век се наоѓаше прво спроти (пред “Илинденска“ 3, мојот втор дом), а потоа кај кавадаречката пошта. Првиот класичен стрип го прочитав во тогашен “Политикин забавник“ (денешните негови изданија се чудни, со солиден број национал - социјалистички текстови, ама тоа е друга приказна). Стрипот беше “Фантом“. Потоа “Рип Кирби“, а поради Флаш Гордон ја засакав научно фантастичната (стрип и класична) литература. Морам да нагласам дека дома не се купуваше “Политикин забавник“, па првото вистинско стрип искуство беше прочитано кај вујко ми Иван Чемерски, кој и до ден денес е еден од медиумски најинформираните луѓе кои ги познавам. Едноставно – не читал никогаш глупости. Кај него дознав за “НИН“, за библиотеката “Реч и мисао“, за саботните и неделните изданија на дневниот весник “Нова Македонија“. Што е најинтересно, кај него многу години подоцна го прочитав првпат и дневниот весник “Утрински весник“, кој стана едно од дневните редовни четива во моето читателско патешествие, заедно со “Дневник“, па и “Македонија денес“ каде неколку години бев и дописник од Кавадарци. Ги читав и загребските “Старт“, “Данас“, ден денес го читам белградско  “Време“. Се радував како мало дете на неговите месечни изданија, особено на култното “Време забаве“. Последниот и можеби најдобар и врвен новинарски производ на овие простори беше сплитски “Ферал Трибјун“.

“Млад Борец“ почнав да го читам рано, како средношколец, за да неговите подоцнежни неделни изданија ми бидат репер што тоа сакам да читам како оригинален и храбар македонски новинарски производ. Го сакав и “Денес“, за да мојата “еуфорија“ по македонските новинарски потфати заврши со “Форум“ и “Граѓански“. А за стрипот... Читам и купувам и ден денес, во зависност од финансиските можности. И горд сум на тоа. Не сум забегал за да бидам во исто друштво со политичките самобендисани типови, кои во некои од претходно спомнати изданија не би можеле да бидат ниту колпортери. Високите новинарски стандарди денес се само сеќавање на едно храбро време, во кое различностите беа скапоценост, а стрипот беше достапен во секоја трафика. Денес квалитетен стрип ќе си купиш, за жал, само во извиканото Скопје и тоа ако начекаш. И сега гледам, дека овие печатени дневни весници, неделници и месечници добро си ја завршиле работата. Ако не друго, да можеме да направиме една реална споредба со калакурницата од интернет (таканаречени) медиуми. Неверојатно можеби ќе прозвучи, ама поконкретни и поточни информации имавме од еден белградски “Џубокс“, загребски “Полет“, скопски “Студентски збор“, од еден легендарен скопски “Пулс“, отколку од милионите сајтови кои ни се на располагање со нивниот шалабајзерски пристап кон новинарство. Од локално, преку национално, па до којзнае каде, особено што се тоа е глобално. Е сега, зависи се од пристапот и изборот. Иронијата да биде поголема, авторот на овие редови, нели, авторот на првата самобендисано наречена прва кавадаречка колумна, најмалку ги троши локалните и националните “информации“. Медиуми во кои насловот е еден и нема врска со содржината, да не речам “плукни и замини си“, ама скокај и бегај што подалеку од нив, оти личат на се, само не на извор на информации. Локални билтени се тоа во кои се штанца култот на личноста, национални “бљувотини“ во кои се глорифицира поплочувањето на пеесет метри тротоар во место каде контејнерите служат само за “сликање“, “информираат“ за настани на кои и не присуствувале и се доказ на нашата немоќ како истрошено општество. А бе ај!

П.С. Денес е 4 ноември 2021. На денешен ден во 1922, во Египет, британскиот археолог Howard Carter и неговиот тим археолози ја пронајдоа гробницата на Тутанкамон (Tutankhamun's tomb) во Долината на кралевите (Valley of the Kings). Доста за денес. Да.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment