Friday, October 29, 2021

Блузирање (267-297)

 (прва кавадаречка колумна)

 

“…Kompleksasi, titulasi

sto sanjate, sto vas plasi

usred svoje mracne moci

vi zivite u samoci…”

 

“Cedna gradska lica” – Atomsko Skloniste, LP “U vremenu horoskopa”, 1980

 

Се начекав себеси како сеуште слушам летна музика, а надвор температурите полека и секојдневно се пониски. По некој сончев ден, колку да биде истресок од есен и повторно ниски температури, колку да се запази правилото. Дека есента е измислена за да паднат лисјата од дрвата (што преостанаа) сите знаеме. Не дека пролетта постои, ама ете нешто мора да дојде по зимата. И додека се прибираме по дома, тресиме глупости за пандемијата, развиваме нови теории на заговор (ко’ да сме најбитни на светот), ги решаваме светските проблеми, дел од (пре)гласните антиваксери тајно(?!) се вакцинираат (дел од нив и со трета доза), се доправува набрзина зимницата за да не ја предвари ракијата, ги броиме парите за сметки, ги вклучуваме фрижидерите за длабоко во подрумите и ги полниме со месо за недајбоже, ги товариме терасите со дрва и почнуваме да мудруваме по социјалните мрежи. Не дај боже да сме пропуштиле нечиј статус, те овој е од нашите, те овој не е, те ќе го згазиме, се ќе му направиме, особено ако не е од нашите. Се очекува почетокот на ноември да преовладее разочарувањето, не смирувањето и отрезнувањето, туку баш разочарувањето, особено по седнувањето во фотелјите на вечните аспиранти по истите, по доцнењето на платите, по заборавањето на личната и политичка превртливост за нејасни интереси, по осилениот и ефтин национализам кој ни тропа на вратите ко’ да пасиме сите трева, по продолжувањето на касапењето дури и на оние кои четири години (?!) до врв го донеле своето раководење и некои слични тракатанци до следните избори. Не е на арно, повторно наебаа дебело наебаа професионалците со знаење, мајсторство и искрено срце поради полуписмените калкулатори, наебаа независните и “независните“. Овие “независните“, они си знаат. Следните избори повторно ќе бидат “независни“. На ѓоамити победниците секако ќе им се приклучат сите кои по јубилеен пат смениле политичка боја и така весели ќе одлучуваат за нашиот живот. Ма немој! Ајт’ сите заедно повторно во прво одделение! Оти во прво одделение се учат буквите на кирилицата, на македонската азбука. Во второ латиницата. Во трето странски јазик. Заебано тоа второ одделение богати!

Инаку, Кавадарци ги живее своите раноесенски денови. Постизборно секако. Се зафркавам. Ги живее вообичаените раноесенски денови. Да повториме – раноесенски. Не ренесансни. За жал. Арно ама, не секогаш било вака, ниту пак (познавајќи дел од новите фино писмени генерации) ќе биде во некоја блиска иднина. Се радувам на нивните идеи за Кавадарци какво што го посакуваме во 21 век, а кои ќе ги реализираат, во тоа не се сомневам кога ќе дојде нивното време (наскоро?). Ќе почекаме, не е проблем. Арно ама (уште еднаш), за жал на многумина, не сум југоносталгичар, немам некоја тага по изминати времиња, имам дебели и лични причини за тоа и еве уште еднаш да кажам овде (кажано пред тоа, на ова исто место многупати) дека една од причините е монотонијата на југословенското општество освен ретките културни и екстремно добри музички изблесоци, лажната економска стабилност, лажната еднаквост и крвавиот крај на поранешна Југославија. Ама ете, понекогаш реално размислувам дури и за времињата кога Кавадарци беше на прагот на пристојно место за живеење и кога со сиот свој сензибилитет беше блиску до европски град, можеби прв како таков во Македонија. Ех... Ќе биде. Одиме понатаму.

А каде понатаму? Немам појма. Со книгите? Ех, уште да чита некој добри книги. Ај, ќе видиме, ќе почекаме. Можеби во меѓувреме и ќе заминеме некаде далеку од олошот, ама сеќавањата на тоа ретко добро што било ќе не следи насекаде, па и надежите дека тоа доброто ќе се дуплира? Тука сме, каде и да сме!

П.С. Од времето на почетокот на пандемијата COVID-19 не е повеќе ништо исто. Ќе отварале со работа ноќните клубови? Е ако де. Истите газди имат кафулиња, ресторани, пицерии и слични тракатанци кои им работат и тоа како добро, па никому ништо. Сертификати?! Важно државата не чини, а се утепаме бе бато да бидиме власт у таа иста држава која не чини. Ќе да е нешто и до домашното воспитување, до почитувањето на поинаквото мислење и основното образование и општата култура. Е ај, на арно нека ни е ноември 2021!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment