Tuesday, October 12, 2021

Блузирање (264-294)

 (прва кавадаречка колумна)

 

 Јас немам ништо повеќе од себеси

само срце кое чука вистински

сосем доволно да те вознемири

да те уплаши.

 

Ги знаеш добро оние

со скришна солза длабоко во срцето

со скришна злоба далеку зад погледот

болни од немоќ

болни од желба за одмазда...“

 

(Архангел, “Heart Core”, LP “Heart Core”, 1998)

 

Кога таму некаде раните седумдесети на минатиот век беа поставени првите семафори во Кавадарци, во центарот на градот, ние тогашни првачиња, второделенци и троа поголеми веќе знаевме дека пешачењето ќе биде посигурно, а возилата веднаш се прилагодија на условите. Точно е дека имаше многу помалку возила од денес, но Кавадарци и на ниво на тогашна 20 милионска Југославија, според бројот на жители, после Марибор имаше најмногу возила по глава на жител. А како тоа знаевме за семафорите дека помагаат движењето да биде посигурно? Па учевме за тоа на училиште, а домашните лекции по општа култура знаеја да бидат и “пожестоки“. А денес? Ма воопшто не ми е целта да правам споредба меѓу начин на живеење со разлика од 50 години. Денес гледате и самите. За многумина (и пешаци и возила) како и да не постојат семафорите, а ги има низ целиот град. Сосема друга приказна е паркирањето. Обидот да се реши хаосот со платен паркинг се покажува како половично решение. Во недостаток на строго санкционирање на непочитувачите на законските прописи, секојдневната слика и не е баш убава. Напротив. Многу нервоза низ улиците на градот. Џабе не кружи заебанцијата низ градот – “Пушти си четири жмигавци и пиј си кафе“. Кога би “терал“ натаму, третата приказна би била за неприлагодената брзина на арогантните возачи и апсолутното некористење на “жмигавците“, ко’ да тој зад тебе има парапсихолошка моќ да ти ги чита мислите за тоа каде си тргнал?! Кавадарци и тие рани седумдесети беше мал град по број на жители, а и денес е тоа. Само што денес ги немаме грото од селските населби, кои се поретко, како минува времето, се и викенд населби. Оти нели, 21 век, некои нови населби се на повидок. Кој ли само ќе живее таму?!

Се потсетуваме уште за нешто. Раните осумдесети години на минатиот век, во Кавадарци успешно работеа две дискотеки: дискотеката во тогашниот Младински дом и дискотеката во тогашниот ресторан “Тиквеш“ (подоцна, раните девеесети “Ла Луна“). Знам дека се повторувам понекогаш, а најверојатно и сега, ама најверојатно клучниот момент за промена на дневниот и ноќниот живот во Кавадарци е мај 1984. Ај што се научивме некоиод нас да слушаме добра музика, ама ете престана да постои/функционира корзото во градот (неколку неуспешни обиди за негова реанимација имаше следните година – две), се (ре)отвора слаткарницата “Палма“, кафулето “Бос“ започнува со работа на местото од култното “Дечки“, кое пак продолжува да работи во соседниот локал. Тоа време всушност е и зачеток на денес извитопорената дневна кафе шема во градот. Периодот се совпаѓа со враќањето на генерацијата родена 1966/1967 од екскурзија низ тогашна Југославија (крај на трета година средно, во мојот случај гимназија). Инаку станува збор за генерација која во тоа време беше последна која се школуваше по класично образование. Се понатаму е еден голем образовен експеримент кој трае до ден – денес, повеќе години одколку што има државата ни самостојност и независност. Во контекст на 1984 и деновите кои следуваа, Кавадарци тогаш имаше само еден електронски медиум (тогашно Радио Кавадарци) и еден месечен печатен медиум, весникот “7 – Септември“, кој го правеа новинари и далеку беше од дневнополитички билтен. Нормално за тоа време, на таканареченото едноумие, и не беа идеални тие два медиуми, ама ете вредно е од денешна дистанца и да се спмнат и да се запамети, оти во време на калакурница од медиуми, на кои им се битни само профитерството и лажните вести и манипулација со конзументите, денес ете сме желни за квалитетен медиум. Патем и покрај тоа таканаречено едноумие, дневните весници тоа време имаа тираж од десетици и десетици илјади продадени примероци. Да не ги спомнувам неделниците, двонеделните изданија и месечниците. И да не се разбереме погрешно и да биде јасно. Авторот на овие редови и нема баш некое фино, носталгично размислување за тоа време. Напротив. Бевме ускратени за многу нешта, имавме едноумие, ама потоа дојдоа осумдесетите и велелепната музика и концерти. Девеесетите, за жал покажаа дека пред тоа имало многу лаги и тешка утопија, особено од желните за крв! 

П.С. Ова е предизборна колумна. Нема политика во неа, како ли само е предизборна?! Прочитајте ја одново. Инаку, како еден од оние кои се без доживотна политичка опција и својот глас на било кои избори го дава по сопствено убедување, во зависност во која посакувана квалитетна насока се движи градот и државата, годинава првпат се фатив себеси во размислување дали воопшто да излезам на денот на гласање. Оти ми се смачи да живеам во општество кое е константно (30 години) во (пред)изборна кампања. Го заслужува ли некој мојот глас на овие локални избори за неговите “желби, ѓоамити понуда и гола пропаганда“?! Еве го каде е 17 октомври 2021. До петок, 15 октомври, до 24 часот, аспирантите имаат шанса да ме убедат за која понуда да гласам, море да ме убедат дали воопшто да излезам да гласам. 

By

Марјан Т.

Бул. “Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment