Friday, October 15, 2021

Блузирање (265-295)

(прва кавадаречка колумна)

Есен е. Дури и во Кавадарци. Дожд истура една недела, кал по тротоарите на еден дел од “Илинденска“, стигнуваш дваесет минути подоцна од што си тргнал било каде и да ти е целта, рипни камче, згазни скршена плочка, прескокни сомнителен кабел, скриј се од настрешницата на некој од безобразните локали да не те “ропне“ по “тимба“, која ти се надвиснала длабоко под глава (висок сум 1,81 м), чадор не можиш да отвориш од тенди, скршни троа од патеката по која си тргнал заради скалилата на дуќаните кои се до пола и повеќе тротоар, додека газдата на локалот те гледа истопорен и ти се сити бре “бизнисменот“ на твојата мака и општа култура. Шо’ ќе му прајш. Кавадарци  2021. Кавадарци во некое чудно (меѓу)време, чиниш утре сите заедно ќе полетаме и ќе го населиме Марс. А ваму каблите од 1987 ни висат над глава. И така, си течат градските приказни, лежи лебу да те јадам, стануваме лека – полека музејски експонати во лажни музеи, дува ветерот, природата си го враќа својот простор, се почесто сме жртви и пол на потрошувачкото општество, купуваме замрзнато месо од преку големата бара, пиеме вода од пластика оти ни Лукар не е тоа што беше, си течат деновите, избори ко’ неизбори, ситни души за едри настани,  никнуваат згради ѓоа посеани, ете кај е ќе поминат 45 минути и ќе заврше часот. Ама овоа што ни се случува не е школски час. Овоа е тотална заебанција. Багремите?! Они се колатерална штета на нашето незнаење. Ко’ што пред десетина години некој ја “скина“ сенката на “Илинденска“ на потегот од банката до стариот суд (?!), така сега голтаме прашина (до пред некој ден), па се давиме во кал (од пред некој ден), на еден тротоар во должина од пеесетина метри. И каблите ќе висат и дрвата ќе се корнат, оти секој почнува од себе, заборавајќи притоа дека Кавадарци не е нечија приватна прчија, па да си го правиме како нас ни одговара, оти со тракторот има своја аграрна намена и не е за центарот на една урбана средина. Ех, да не е паметењето, дека еден ден бевме блиску до врвот, а сега се митариме и блуеме отров за да “нас не биде“, ќе беше поинакво размислувањето.

И додека течат приказните за вакво Кавадарци, за накво Кавадарци, оваа предизборна кампања дополнително го унакази градот со излепените “плакати“ (далеку од квалитетен дизајн и вистинска порака до граѓаните) кој каде ќе стигне. Еве, го чекам денот после изборите, па да му се заблагодарам на партиските активисти што ќе го исчистистат градот од пропагандниот материјал (оти тоа е – пропаганден материјал). Се заебавам. Никој од нив нема да мрдне со прстот. Ќе бидат “удавени“ во постизборните резултати. Додека ние обичните граѓани, кои немаме резервно место на живеење, уште еднаш ќе се прибереме дома и ќе се запрашаме – до кога? Фала ви, ете не нас од некаде далеку за некое време, оти сонцето грее секаде исто на целата земјина топка. Фала ви, ама ете не успеавме... Кавадарци пристојно место за живеење?!

П.С. Пред некој ден, во еден фин муабет со драг сограѓанин, заклучивме – нит’  Кавадарци ќе има велосипедски патеки низ градот, нит’ зеленилото ќе надвладее, нит’ ќе сопре урбанистичкото дивеење, нит’ културата ќе надвладее, нит’ професионалците во својата фела ќе дојдат до израз. Зградите во мал град како нашиот, ствараат само наива дека сме голем град. А има ли нешто поубаво од мал град?! Има ли поубаво од мирна средина и маалско живеење?! Одговорот нема да го најдете во овие редови претходно испишани... Одговорот барајте го на друго место, од други луѓе, од оние кои деновиве ве посипаа со ветувања, ветувања, ветувања...

By

Марјан Т.

Бул. “Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment