Monday, October 25, 2021

Блузирање (266-296)

(прва кавадаречка колумна)

Сеќавањата, колку се добри, толку се и заебани. Особено ако паметиш од поодамна. На пример: се сеќавам на неколку верзии на Стар Балкан (новата наскоро ќе ја “испробам“), се сеќавам на дуќаните низ Кавадарци, кога беа Дуќани, а не дуќанчиња, се сеќавам и на Градското стрелиште и на Градскиот плоштад (имам приватни фотографии) кога беше најголем на светот и не беше нашминкана ледина и Хотел “Балкан“ истопорен на сред плоштад со неговите култни Летни бавчи и чорбата во шест сабајле. Да, Хотел “Балкан“ (како истрошен објект) е сеуште тука на истото место, дрвја растат по собите, ѕидовите се распаѓаат и објектот станува безбедносно опасен, а денес во употреба е само покривот за приватни и службени огномет сеанси, ама објектот е и како кулиса за хорор филм, плус тоа стаклениот прилепок до него кој зјае празен од којзнае кои причини. Убавини во расчекор! Ебати убавините!

Којзнае дали некој памети дека во Кавадарци некогаш имаше и касарна, дека таа иста касарна беше полна со војници од цела поранешна Југославија. Којзнае дали војниците кои таму го служеле законски пропишаниот воен рок ги чуваат писмата кои ги добивале, фотографиите кои им останале како спомен на година и нешто залудно потрошено време (?!). Ма тоа се веќе туѓи сеќавања, најверојатно заборавени и непотребни. А моите сеќавања одат до таму некаде кога денешните дуќанчиња на урбаниот простор Стара автобуска станица беа токму тоа – Автобуска станица. Со билетарница, чекална и плукалница. Ах да, имаше и страотен мурал, ама, ете, се згина, јебала нас приватизација и моронизација. Да не зборувам за сеќавањето на Градскиот пазар, за неговите одделни простори: Дел за продавање јајца, дел за продавање сирење, дел за овошје и дали воопшто некој се сеќава на истурениот максимално вкусен бостан секое лето кај тогашната слаткарница “Шериф“. Ех, времиња? Не, ех невремиња. И ете го сега пазарот. Чекаме да видиме што ќе биде со неговиот нов изглед. Во центарот на Кавадарци. Да.

А денес, во 21-та година во 21-от век, век на катастрофални и забегани политиканти, алчни, арогантни типови чии болни амбиции по фотелја не ги разбираат ниту оние кои по (партиска команда) гласаат за нив, типови кои ни го одземаат денот, ни се мешат во ручекот, а на некои и во домот, век е ова на некое ново и чудно Кавадарци.

Инаку, што е, да простите, малку нездраво, многу брзо забораваме. Ептен. Ги заборавивме луѓето бре. Го заборавивме еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол, чиј ден на раѓање (да потсетам, а кој е платен за тоа нека провери по тоа општинските архиви) со одлука на кавадаречкиот Совет е прогласен за ден од исклучителна важност за Кавадарци. Добро сега, кавадаречкиот Совет има многу верзии изминатите 30 години плурализам, кој како му се “вденало“, ама... Не дека Ристо Соколов ќе биде заборавен, напротив. Живее тој сеуште преку делата кои се распространети во приватни колекции и галерии ширум светот, а и неговите пријатели, соработници, соборци и особено неговото најблиско семејството се трудат неговата оставштина да биде достапна. Ама ете, заборавиле тие кои секои четири години ја бараат довербата на граѓаните, па да не се од Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ ќе нема кој низ градот да одбележи Ден кога се родил големиот уметник и човек. И што е најинтересно во овој случај, Општина Демир Капија и Домот на културата “Мирка Гинова“ од Демир Капија се сетија годинава на Ристо и достојно се навратија на неговиот живот и уметност. Има заборавени уште многумина. На пример беа заборавени на 30 години од загинувањето Петре Тодоровски и Мишко Митрев. Неверојатно! Една китка да однесеа на нивните вечни почивалишта. Барем од почит кон нивните семејства. Ма секако дека секоја чест на сите имиња кои градот ги чествува. Ама не сум слушнал некој некаде да одбележи некој ден за уметникот Гоце Ромбо, ма и за Никола Баснарков, ете да не се приказните на ФБ нема кој да го празнува ни денот на Даскал Камче. Ниту некаде се спомнуваат основачите на Радио Кавадарци, на Распеани кавадарчани, за градителите на модерно Кавадарци да не зборуваме. Тие тивки луѓе, архитекти, градежници, уметници и професионалци во својата дејност. Авторите на најмаркатните споменици и скулптури во градот заслужуваат исто така свој ден. Од авторите на фонтаните на “поранешниот“ Градски плоштад (?!), преку Споменикот на слободата, до Глигор Чемерски и Петар Мазев чии мозаици и (уништени) мурали беа одлика на модерно и европско Кавадарци. Да не ги спомнувам авторите на архитектонските решенија низ градот - Автобуската станица, Спомен костурницата, а бе некој со својот исклучителен професионален и човечки напор го сместил Кавадарци на светската мапа со примероци на брутализам во архитектурата, ма се, се што е битно заборавивме. Тука некаде заборавени се и доајените на кавадаречкиот Театар – од Васо Ангелов, преку Блажо Славев, ма до еден куп професионалци и аматери ги има кои го однесоа кавадаречкиот театар далеку од Кавадарци, далеку од границите на Македонија. Ма заборавена е и скулптурата “Гроздоберка“, која тажна и нерепарирана стои во еден ќош во дворот на кавадаречкиот Музеј Галерија. А има “мал милион“ урбани градски места каде може да биде сместена на радост на многумина љубители на убавото. И на градското. Ама ете, уште еднаш да го спомнам Ристо Соколов Сокол - да заборавиш на човекот кој е автор на официјалното знаме на општина Кавадарци ?! Да заборавиш на човекот кој по сите негови патешествија и човечки и уметнички низ “белиот“ свет, од Њујорк и Париз, преку Белград и Софија, до Берлин, се врати назад во Кавадарци. Еден букет бре, една свеќа од почит запалена на неговото последно почивалиште. Заборавот почитувани случајни или намерни сопатници во блузирањево, ни го еба звањето, да извинете на вулгарноста.  Нешто тука не ќе да е во ред.

П.С. На денешен ден низ годините наназад најверојатно се случило нешто битно во Кавадарци. Проверете сами ебаго, гуглајте малку и изразете почит кон она што било, а не е поврзано со вашето животарење или тротоарот кој пет месеци се поплочува. Оти, останува некој по нас, кој може и ќе се сети на вас. Или на мене. Сеедно.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment